Апсолутно не станува збор за никаков договор, одговори лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција претпладнево, на прашањето за фотографијата што се појави на социјалните медиуми на која се Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош, и Маја Мојсова од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, која не успеа да влезе во вториот круг на локалните избори.
„Разговарав со Маја, во текот на денот и ќе се видиме. Таа напиша и еден пост, тоа го припишувам на политичко неискуство, но јасно и децидно кажувам дека нема никаков договор за поддршка на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош. Впрочем, тоа беше еден од кандидатите против кокј ние се боревме во првиот круг. Ми се јавија голем број на членови, на симпатизери и сакам јасно да ја упатам таа порака, ме прашуваа дали станува збор за некаков скриен договор, не, апсолутно не станува збор за таква работа“, изјави Филипче од говорница во седиштето на партијата.
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ објави фотографија на Фејсбук со Маја Мојсова која беше еден од неговите протикандидати во првиот круг на локалните избори, што предизвика коментари на социјалните мрежи.
„Во срцето на Карпош секогаш ќе сретнеш вистински карпошани. Со Маја се знаеме од многу одамна, ја искористив можноста да поразговараме за проектите кои значат за нашата општина и нашите сограѓани. Заедно ќе ги реализираме, како и многу години наназад“, напиша Лукровски крај фотографијата.
Маја Мојсова во првиот круг од изборите освои 3.827 гласови и беше трета. Пред неа беа Сотир Лукровски со 10.284 и Стевче Јакимовски со 8.761 гласови.
С.Д.
