Гувернерката на американската сојузна држава Њујорк, демократката Кејти Хокул прогласи вонредна состојба во државата поради недостиг на сојузни средства за програмата за помош во храна СНАП (т.н. бонови за храна) и најави насочување на 65 милиони долари федерални средства за итна помош.
„Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја укинува помошта во храна за три милиони Њујорчани, што предизвикува невидена јавноздравствена криза и ги загрозува нашите продавници, маркети и земјоделци. За разлика од Републиканците во Вашингтон, јас нема да седам со скрстени раце додека семејствата се обидуваат да обезбедат храна“, наведе Хокул во соопштение на интернет страницата на сојузната држава.
Гувернерката нагласи дека Њујорк не може да биде пасивен набљудувач пред заканата федералните СНАП надоместоци да исчезнат за време на претстојниот викенд поради можното запирање на работата на сојузната влада.
Од основањето на програмата, СНАП надоместоците ги финансира сојузната влада, а Њујорк месечно управува со околу 650 милиони долари за речиси три милиони корисници. Њујорк, заедно со 24 други сојузни држави, поднесе тужба против администрацијата на Трамп, барајќи ослободување на итните СНАП средства.
