Двајцата осомничени беа донесени пред кривичниот суд по поднесената кривична пријава со која се бара и притвор. Директорот на скопска Комунална Хигиена со лисици и со прв коментар.
Новинарско прашање: Зошто не се чистеше ѓубрето во Скопје?
Сабахадин Рустеми: Се е чисто.
Не работеле по оперативниот план, дозволиле мини депонии на улици и тротоари, го загрозиле здравјето на скопјани, стои во соопштението на обвинителството откако е поднесена кривична пријава против директорот на Комунална Хигиена Сабахадин Рустеми и раководителот за управување на отпад Аки Саити.
Со кривичната пријава се опфатени само двајца, а полициско-обвинителска истрага не чепна никој од Управниот одбор иако и тој орган во претпријатието има големи овластувања за справување со скопското ѓубре.
Од обвинителството уверуваат дека истрагата досега нашла докази само за двајцата приведени. Приведените се од една политичка структура, а претседателката на Управниот одбор е од друга која сега ја води државната власт.
Доколку се утврди одговорност и на други лица, ќе постапиме, уверуваат од обвинителството кои отворија истрага за Рустеми и Саити за кривично дело загрозување на животна средина и природата со отпад, по став за кој е предвидена затворск казна од 1 до 10 години.
-Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести, соопштија од Јавното обвинителство.
-Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравјерече Гоце Андреевски од МВР.
Обвинителството смета дека постои опасност Рустеми и Саити да влијаат врз сведоците или да го повторат делото поради што бараше најстроги мерки за обезбедување.
Кризата со скопското ѓубре тлее со месеци поради политичките битки меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ.
На крај и кандидати во рамки на кампањата почнаа да собираат ќубре со камиони од општини водени од партиски колеги, но Антикорупциската комисија и ДИК се прогласија ненадлежни за овој нов вид на кампања.
Миомир Серафиновиќ
