Антикорупциската комисија ја следи состојбата со сметот во Скопје и била информирана од Обвинителството дека е во тек предистражна постапка. А, за вчерашните комунални акции кога имаше видеа како кандидати за една општина или град се во друга општина со камиони од јавни претпријатија на трети општини, од ДКСК објаснуваат како го толкуваат Изборниот законик во кој не е наведено ѓубре.
Но, не прецизираат дали ќе отворат предмет и против кого – давателот на камиони или кандидатите од промотивните видеа. Како пример е посочен член на Законикот кој регулира забрана на јавни настани на кандидати.
„Во однос на дел од прашањето дека преземените активности за собирање комунален отпад на дел од кандидатите во изборната кампања, можат да се „подведат“ како медиумска кампања во изборниот процес, а во врска со забраните од Изборниот законик, во член 8-а, став 2, алинеа 1, предвидена е забрана за одржување јавни настани и тоа по повод започнувањето на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови (патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти). Меѓутоа, под наведената забрана за одржување на јавни настани „не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање“, стои во одговорот на ДКСК до Телма.
Антикорупциската комисија, сепак, констатира дека вчерашните комунални акции може да бидат оценети „како начин на изборно претставување на кандидатите во изборната трка“, а ДКСК информира дека постојано бара од Собранието да се прецизираат забраните содржани во Изборниот законик.
Државната изборна комисија не одговори на прашањата на Телма. Освен членот 8-а, и наредниот член регулира забрани во кои се содржани и службени возила.
„За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“, гласи првиот став од член 8-б од Изборниот Законик.
Иако возилата треба да се пријават во Антикорупциска за да се избегне злоупотреба, некои комунални претпријатија како кавадаречкото комунално ги има пријавено сите возила; и автомобилите и ѓубрарките, но некои комунални претпријатија пријавуваат само автомобили. Поради тоа не може да се провери и нивна злоупотреба во изборни цели.
Но, лесно се проверливи купиштата ѓубре низ Скопје кои се таложат со недели, а кандидатите засукаа ракави или повикаа туѓи возила на 10 дена пред вториот круг.
Миомир Серафиновиќ
