Вести Македонија Топ вести

Миење раце, фрлање ѓубре со ракавици, дезинфекциони бариери во училишта – ИЈЗ со препораки за заштита од отпадот

Да се одржува личната и колективна хигиена, дезинфекција на рацете, совесно одлагање на отпадот, внимателно ракување, селектирање и фрлање на истиот, доколку е можно користење на ракавици, се дел од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) до населението. Што се однесува до мерките за институциите, тоа се итно собирање и отстранување на насобраниот отпад, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад. Приоритет се болници, домови за стари лица, во и околу основните и средни училишта, паркови и игралишта.

„Во однос на останатите мерки кои се за институциите, тука најпрво би ги кажал мерките кои се за вработените кои го собираат отпадот. Сепак треба да мислиме и на нивната заштита. Да работат со лична заштитна опрема и, секако, да бидат заштитени во однос на оние болести кои можат да се спречат со вакцинација, редовно да бидат вакцинирани, согласно нивната професија“, апелира доктор Драган Кочински, раководител на Секторот за епидемиологија во ИЈЗ.

„Она што е можеби, исто така, битно е убава препорака до училиштата да постават дезинфекциони бариери пред праговите на училиштата, затоа што е многу ефикасна мерка базирана на искуството со појавата на заразна жолтица во Штип од пред неколку години“, изјави проф. д-р Мирјана Димовска од ИЈЗ.

Во случајот кога дете кое беше каснато од глушец, Андоновска вели дека е примено на Инфективната клиника и реагирано е соодветно.

„Има процедури дали тоа дете покажува знаци на некакво заболување или не. Од она што ние го знаеме како информација е дека е направено се што треба превентивно по едно вакво каснување, дадена е терапија која што е соодветна за моментот“, рече Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.

За поздравување е фактот, вели Апостолов, дека во одредени општини се спроведува вонредна дератизација, но треба и дезинфекција, чистење со шмркови, па дури и со одредени средства, потоа масовна дератизација, вклучувајќи ја и канализационата мрежа. Тој упати прашање до сите градоначалници:

„Кога последен пат ги дератизирале шахтите низ градот? – Еднаш прочитав една смешна изјава во која ја спроведуваат сегашнава ситуација и не било ништо полошо од тоа што се случувало во Лондон, во Амстердам или во Париз и Њујорк. Не е така, знаете Скопје не е Лондон, ниту Амстердам. Ние не живееме на 0 метри надморска височина, ние немаме подземни канали, под нас не поминува ниту Темза, ниту Амстел. Е сега Вардар е оној што ги прибира и од левата и од десната страна канализационата мрежа. Низ таа канализациона мрежа, што е проблем на глодарите да преминат од Аеродром до Ѓорче Петров или од Карпош до Чаир“, вели Ивица Апостолов, Универзитетски институт за клиничка биохемија.

Во долгорочните мерки на ИЈЗ се интегриран систем за управување со комунален отпад, систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе