Штип го има „Макфест“ 40 години. Градот во наредните три дена ќе живее во ритамот на новите 27 хитови. Со кревањето на макфестовското знаме почнаа фестивалските денови на „Макфест“, кои ја негуваат македонската забавна музика.
„„Макфест“ е една успешна приказна, потврдена. Четири децении не е шега. Јас колку што знам само Евровизија подолго трае од „Макфест“. Продуцирани се и објавени над 1.200 композиции, 27 се нови вечерва. Меѓутоа, тоа се стотици и стотици хитови на коишто сите добро ни се познати“, изјави Роберт Саздов, уметнички директор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.
Во првите две фестивалски вечери публиката ќе ужива во новите музички хитови. Третата вечер, в сабота, ќе се испејат незаборавните хитови, шлагери кои ден денеска ги слушаат и пеат и помладите и повозрасните генерации
Преку „Макфест“ се поддржува македонската уметност и култура. Во изминатите четири децении, фестивалот имаше и свои падови, но луѓето кои стоеја зад него не дозволија да згасне. „Шила“, „Моја гитара“, „Кој да ти каже Ивана“, „Летај ми летај галебе“, „Тажна љубов среќна песна“, „Виолина и гитара“ и стотици хитови испеани и напишани на македонски јазик се дел од 40-годишната историја на овој фестивал.
Организаторите упатија благодарност до Стојан Троицки, основачот на „Макфест“, како и на сите кои беа и сè уште се дел од музичката магија на фестивалот.
Викторија Јованова
