Пробацијата и условниот отпуст, освен како решение за пренатрупаноста на затворите која е проблем со години, игра и важна улога во ресоцијализацијата на сторителите на кривични дела. Еден осуденик државата месечно ја чини 1.000 евра. Има 430 осудени лица со А третман и околу 330 кои имаат Б2 третман, а најголем дел од нив може да бидат на условен отпуст со препорака на секторот за ресоцијализација и директорите на затворите, смета директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски порачува дека недостасува институционална соработка и доверба, а несомнено е дека во Управата за извршување на санкции има стручни лица кои може да направат проценка кое лице треба да биде на условен отпуст.
Камбовски додава дека кај судиите има волја за изрекување на вакви мерки. А пробацијата и условниот отпуст се и препорака на Советот на Европа.
Во организацијата на Академјата на судии и јавни обвинители беше организиран работен состанок со претставници од сите судови во државата, како и вработени во Управата за извршување на санкции за придобивката од изрекувањето на овие алтернативни мерки. Над 900 луѓе во моментов се на пробација.
Марија Митевска
