Левица бара поддршка за вториот круг на изборите од гласачите на СДСМ и на независните кандидати. Амар Мециновиќ, кој ќе се бори против Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ, во првиот круг освои 30.665 гласа. За да ја престигне бројката од 91.663 гласа што ја освои Ѓорѓиевски, ќе му треба силна поддршка.
Од ВМРО ДПМНЕ, пак, ќе ја продолжат кампањата во истиот стил.
Партиите ја почнуваат кампањата за вториот круг и со повици за масовен одѕив, откако се покажа дека повеќе од половина од гласачите на изборите на 19 октомври се одлучија да останат дома. Голема е бројката и на оние што дојдоа на гласачките места само за да го поништат ливчето.
Според податоците на ДИК, секое 16-то ливче е неважечко, што е за 15.854 повеќе од минатите локални избори во 2021 година кога имаше 37.859 неважечки ливчиња. На овие избори се изброени 53.713 неважечки ливчиња, а 12.270 од нив се само во Град Скопје.
На површина исплива и сѐ поголемата незаинтересираност на граѓаните за гласање. Забележан е слаб одѕив, од 48,30%, а во четири општини не е исполнет ниту законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина. Поради тоа, во рок од 60 дена од денот на објавувањето на конечните резултати, ќе се повтори целиот прв изборен круг. Повторување поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, во Врапчиште и во Центар Жупа.
Најмал одѕив имало во Центар Жупа, каде на гласање излегле само 21,3 проценти од гласачите. Најголем одѕив, пак, е забележан во Новаци – 73,7 проценти. Висок е цензусот и во Дојран, Росоман, Чашка и Лозово, каде на гласање излегле над 70 проценти од гласачите.
Речиси сите партии забележаа и пад на гласачкото тело.
Далиборка Демјанска Цветановска
