Синдикалната минимална кошница за октомври е за неколку стотина денари потешка од минатиот месец. Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минимумот за едно четиричлено семејство да го преживее месецот е 65.544 денари или околу 1065 евра. За 467 денари скокнала сумата во споредба со септември.
Доколку во пресметката се вклучи и изнајмување стан со површина од 60 квадратни метри, во кој на пример би жевеело едно четиричлено семејство тогаш кошницата ќе ја зголеми својата вредност на 80.919 денари или 1315 евра.
Ова значи дека доколку четиричленото семејство има примања од две просечни плати ќе им останат само помалку од 600о денари. Но ако имаат пониски примања ќе бидат во минус на нивните сметки.
Најзначаен пораст е забележан кај трошоците за храна и пијалоци. За 378 денари скокнале цените за дел од производите кои влегуваат во кошницата.
Владата повторно минатиот месец соопшти дека не се откажува од формирање паралелна минимална потрошувачка кошница, поради сомнежите дека постоечката не ги исполнува потребите на граѓаните. Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати излезе со став дека многу од производите кои се на листата се непотребни.
Втората пресметка би ги опфатила самците, младите брачни парови, како и тричлените семејства и пензионери. Ова намера на Владата трае со месеци, повикувајќи се на претходни анализи, кои треба да ги изработи државниот заводот за статистика и пазарниот инспекторат. Инаку синдикалната минимална кошница пресметува 63 производи.
Марија Митевска
Дигитална обработка: Т.Д.
