Вести Свет

Холандските разузнавачки служби ja ограничија размената на информации со САД

Холандските разузнавачки служби АИВД и МИВД ја намалија размената на информации со своите американски партнери, наведувајќи ја како причина политичката ситуација во САД и загриженоста поради политизацијата на разузнавачкиот сектор и почитувањето на човековите права, објави денеска весникот „Де Волкскрант“.

Директорите на АИВД, Ерик Акербум и МИВД, Питер Рисинк потврдија дека станале „поселективни“ во соработката со ЦИА и НСА.

„Вистина е дека понекогаш повеќе не кажуваме одредени работи“, рече Рисинк во интервју за весникот, додека Акербум додаде дека за секој случај сега се одлучува посебно, објави „НЛ Тајмс“.

Двајцата нагласија дека односите со американските агенции остануваат „одлични“, но дека Холандија станала „покритична“. Според нив, холандските служби сè повеќе ја зајакнуваат европската соработка во рамките на мрежата на северноевропските разузнавачки агенции, меѓу кои се Обединетото Кралство, Германија, Франција, скандинавските земји и Полска.

Како што наведоа, војната во Украина и растечката руска закана ги забрзаа овие мултилатерални иницијативи. Акербум и Рисинк, исто така, предупредија на растечката сајбер закана од Русија и Кина. Според нив, руските служби секоја година извршуваат десетици успешни хакерски напади во Холандија, додека Кина се појавува како нова кибер „суперсила“, технолошки напредна како САД.

Акербум посебно предупреди на „операции за близок пристап“ во Кина, за време на кои до уредите на холандските новинари, државните службеници и вработените во технолошките компании може да се пристапи физички или безжично. Тој рече дека кинеските служби потоа користат вештачка интелигенција за да ги анализираат собраните податоци.

„Луѓето мора да бидат свесни дека нивните уреди се ранливи“, нагласи Акербум.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потврден случај на „Денга треска“ кај 42-годишен маж од Бангладеш

Дејан Дејан

Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ со анализа за земјотресот во Венецуела – Земјотресите не можат да се предвидат, но последиците можат да се намалат

Дејан Дејан

СДСМ: Две години Тошковски на чело на МВР – Распад на безбедносниот систем, партизација и заштита на криминалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе