Штрајк на контролорите за летање ќе нема. Судот денеска донесе решение со која привремено се забранува одржувањето на штрајкот, иако по тужбата поднесена од М-НАВ не било одржано ниту едно рочиште. Од Синдикатот без коментар, но со најава за прес-конференција во текот на утрешниот ден.
Од Граѓанскиот суд за Телма соопштија дека, по разгледување на тужбата и доказите поднесени од тужителот М-НАВ, утврдиле дека не биле исцрпени сите законски процедури пред стапување во штрајк, како и дека Струковиот синдикат на контролори на летање не може да закаже штрајк во името на независниот синдикат на сообраќај и врски.
„Не е спроведена постапка за мирно решавање на работните спорови, согласно Законот за мирно решавање на работните спорови, кој е задолжителен при штрајк. Нема конкретни барања од работен однос, како заштита на работнички права и еден од тужените – Струковиот синдикат, како подружница на Независниот синдикат, нема правен легитимитет, а презема права и обврски во име на друг. Ова се причините поради кои е утврдено дека штрајкот е спротивен на сите законски прописи и затоа судот го забранил да се организира и спроведе“, соопштуваат од Граѓанскиот суд Скопје.
За фактот дека првото рочиште е закажано за утре, а решението е донесено без воопшто да се одржи и синдикатите да ги презентираат своите аргументи, од Судот тврдат дека решението за привремена мерка и одлуката за одлагање на рочиштето било донесено, бидејќи синдикатите избегнувале достава на поканата.
„(Судот) во оваа област одлучи да го донесе решението без одржување на рочиште кое нешто е дозволено и не е задолжително по закон, туку се ценат конкретни околности. Судот направи напор да обезбеди и да им даде можност на тужените но во конкретниот случај тоа беше оневозможено“, се додава во соопштението на Граѓанскиот суд Скопје.
Од синдикатот на М-НАВ за Телма брифираа дека се зачудени како е донесено решение за привремена забрана на штрајк без да почне судскиот процес, а тужбата од М-НАВ била доставена од адвокатската канцеларија на државната компанија и тие се подготвувале утре на закажаното, па откажано, рочиште да ги презентираат своите аргументи пред судот. Сите детали најавија дека ќе ги соопштат утре.
Генералниот штрајк го најави Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) и требаше да се одржи на 20 и 24 октомври, да трае по пет часа (од 10 до 15 часот), период во кој македонското небо требаше да биде затворено за сообраќај. Како дел од причините за штрајкот, односно барања, наведоа запирање на партиски вработувања, нови огласи за стручен кадар и ангажирање независна агенција за анализа на потребите.
Огнен Чанчаревиќ
