Притисок и заплашување. Вака обвинителката Ленче Ристоска, која ги застапува обвиненијата „Талир 1“ и „Талир 2“ поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, реагира по соопштението на владеачката партија со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“, кое почнува со реченицата „Каков крај!“
„Соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која во моментот е носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем, ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена во изминатиот период“, вели Ленче Ристоска, обвинителка.
Ристоска посочува дека соопштението содржи невистини и навреди дека работела инструирана од политички чинители и криминалнци, дека си исплатувала бонуси и награди и дека го симболизира моралниот пад на обвинителството. Бара партијата јавно да се извини во рок од седум дена или да ги докаже своите тврдења. Во спротивно, најавува тужба до Граѓанскиот суд.
Соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува „поранешната ѕвезда на пропаднатотот СЈО“ е објавено по изјавата на Ристоска дека не е случајно што листата со нејзиното име за кандидати за судот во Стразбур беше поништена, но и што премиерот рече дека платата на претставникот на Европравда била висока, а дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го одговори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„И сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува, замислете „клеветнички кампањи“ и „анимозитет“. Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска ја даде изјавата пред два дена пред судот каде беше закажано судењето за „Талир 2“. Во тој предмет обвинет е екс лидерот Груевски, а партијата е заинтересирана страна, бидејки на барање на Ристоска беше замрзнато партиското седиште и уште 68 недвижнини. Другиот предмет „Талир 1“ е за незаконско финансирање на партијата.
Ристоска денеска посочува дека, како обвинител, има не само право, туку и обврска јавно да зборува за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет.
Елена Ивановска Мукоска
