Вести Македонија Најважни

Фон дер Лајен: Топката е во вашиот двор

Топката е во вашиот двор. Ова е пораката која претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја напиша на платформата „Икс“, веднаш по средбата со премиерот, Христијан Мицкоски денеска во Скопје, а во отсуство на прес-конференција. Притоа таа напиша дека Унијата останува целосно зад европскиот пат на Македонија.

„Може да сметате на нас. Следен и единствен чекор пред стартот на преговорите е јасен. Вие мора да ги спроведете договорените уставни измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“.

По средбата и со претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова и со претседателот на собранието, Африм Гаши, таа ја дополни пораката кон Македонија и со Планот за раст.

„Во моментов ние ја движиме вашата земја поблиску до нас. Тоа е целта на Планот за раст. Отвораме Фабрика за антени за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучивме во Единствената платежна област на ЕУ. И ви префрливме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги спроведовте“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“.

Од Владата, пак, по средбата лиферуваа соопштение дека Мицкоски и Фон дер Лајен разговарале за европската перспектива на Македонија, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација, за време на получасовната средба која ја имаа во владата.

Од Владата наведуваат дека Мицкоски на претседателката на Европската комисија, меѓу другото, ѝ ја пренел и решеноста на владата да ја забрза евроинтеграцијата на земјава, но и што очекува владата од Унијата.

„Премиерот Мицкоски ја истакна решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Тој посочи дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, се наведува во владиното соопштение.

Од владата притоа посетата на Фон дер Лајен ја оценуваат, како што наведуваат, потврда на отворениот дијалог и взаемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.

Средбата Мицкоски – Фон дер Лајен траеше околу половина час.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Андоновски: Со „Везилка“ уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор

Дејан Дејан

Максим Димитриевски за владината реконструкција: Сите опции се на маса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе