Вести Свет

Лекорну попушти за пензиските реформи во обид да избегне продлабочување на политичката криза во Франција

Само што успеа по втор пат да формира влада за малку повеќе од еден месец, францускиот премиер Себастиен Лекорну веднаш се соочи со две посебни иницијативи за гласање доверба.

Во обид да избегне влошување на политичката криза во Франција, Лекорну денеска се откажа од имплементацијата на реформите на пензискиот систем, што пак е една од главните политички цели на претседателот Емануел Макрон.

Колективната способност за напредок е најголемото богатство на оваа земја. Токму затоа оваа есен во парламентот ќе предложам суспендирање на реформите на пензискиот систем од 2023 се до претседателските избори. Нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање до јануари 2028, токму како што бараа синдикатите, најави Лекорну во своето обраќање пред Националното Собрание.

Големиот буџетски дефицит се заканува да ја втурне во должничка криза втората најголема европска економија, и начинот како тој да се намали беше причина за падот на двете последни француски влади. Обидувајќи се да го обезбеди опстанокот и функционалноста на владата, Лекорну ја направи оваа отстапка со пензиската реформа, но предупреди дека Франција ќе плати висока цена за тоа.

Цената за суспендирањето на реформата на нашиот пензиски систем ќе изнесува 400 милиони евра во 2026 и 1,8 милијарди евра во 2027 година. Во крајна сметка од суспендирањето придобивки ќе имаат 3,5 милиони француски граѓани, но тоа ќе мора финансиски да се компензира, вклучувајќи и мерки за намалување на трошењето. Тоа не смее да се направи преку зголемување на дефицитот, предуреди лекорну.

Реформите беа усвоени во 2023 година по неколку месечни жестоки дебати и насилни протести ширум земјата и придонесоа за тешкиот пораз на партијата на Макрон на европските избори наредната 2024.

Токму тој пораз го испровоцира претседателот да распише предвремени парламентарни избори, на кои се надеваше дека ќе успее да го осуети подемот на националистите на Ле Пен. Резултатот беше уште еден изборен пораз и блокиран парламент затоа што никој не обезбеди мнозинство да формира влада и го поткопа неговиот политички кредибилитет.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алиу на панел-дискусија во Гостивар: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Дејан Дејан

Потпишан Договор за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Македонија и Албанија

Дејан Дејан

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе