Вести Македонија Најважни

Уапсени Борче Марковски и поранешни директори во РЕК Битола поради тендерот за погонските станици

Ископ на јаглен, РЕК Битола

Борче Марковски, сопственикот на Марковски компани од Битола, најголемиот тендерџија во РЕК Битола во изминатите години, и поранешни директори во РЕК, се уапсени во денешната акција на Финансиската полиција, дознава Телма. Истрага е отворена против 8 лица. Петмина се уапсени, двајца од нив се веќе во притвор, а еден нема да биде лишен од слобода.

Под истрага е и поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, но тој не бил уапсен во денешната акција, затоа што веќе е во притвор за друг случај.

Тие се сомничат за злоупотреби со тендерот за дислокација на погонски станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола вреден 106 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. Код уште во мај годинава објави дека парите биле исплатени, но погонските станици не биле монтирани.

Од осумтемина, двајца се вработени во Марковски компани, а шестмина од поранешното раководство на РЕК.

Според истражувањето на Код од мај годинава, тендерот за дислокација, на 14 февруари 2024 го добива Марковски компани, која е и единствен понудувач. Има рок од една година да ги демонтира шесте станици, секоја голема колку трикатна куќа и тешка 80 тони, да ги пренесе и да ги монтира на две локации во рудниците во РЕК Битола каде што ќе бидат пуштени во употреба. Како гаранција за навремено завршување на работите, оставаат банкарска гаранција од 5 отсто од вредноста на договорот, односно околу 73 илјади евра.

Овластен службеник од РЕК Битола потпишува записник дека работата е завршена и на Марковски компани ѝ се исплатени парите. Во јули минатата година на фирмата ѝ е вратена и банкарската гаранција, со оглед на тоа што работата била завршена.

Само што не била. Извори од РЕК велат дека не се монтирани електрокабините, не се положени кабелските траси, барабаните, редукторите и моторите. Нашите извори велат дека во рудникот Суводол биле монтирани поинакви погонски станици од тие во техничката спецификација, односно транспортната лента е широка 120, наместо 140 сантиметри. Со тоа РЕК прави загуби зашто ги платиле парите, а не можат да ја користат опремата што директно влијае на производството на јаглен. Со оглед на тоа што работата официјално се води како завршена, банкарската гаранција е вратена, па РЕК не може ни да си наплати штета.

Нашите извори од РЕК Битола тогаш се прашуваа зошто морало да се ангажира надворешна фирма за дислокацијата, кога претходно токму вработени во РЕК под раководство на нивни инженер донеле уште една погонска станица од Осломеј во Битола, која била пуштена во употреба.

Исправка: Претходно објавивме дека меѓу уапсените е и поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, кој е опфатен со денешната истрага. Неговите бранители испратија демант дека не е уапсен, бидејќи во моментот се наоѓа во притвор во врска со друг предмет. Се извинуваме за ненамерната грешка. 

Срѓан Стојанчов

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Здрава котлина“: Одлуката за спојување на концесиите за рудниците е донесена на незаконски начин

Дејан Дејан

Лефков: Филипче повторно ја избра Бугарија пред Македонија

Дејан Дејан

За Иран американскиот напад е дивјачко кршење на повелбата на ОН

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе