Вести Свет

Израел и Хамас се согласија за првата фаза од мировниот план на Трамп за Газа – ослободување на заложниците и прекин на огнот

Израел и Хамас се согласија за првата фаза од мојот мировен план, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својот профил на социјалната мрежа Трутх Сошал.

Во текот на состанокот во Белата Куќа на која се разговараше за сосема други теми, американскиот државен секретар, Марко Рубио, му достави лист хартија на Трамп по што тој соопшти дека двете страни се многу блиску до договор. Набргу потоа ја објави веста, појаснувајќи дека сите заложници ќе бидат ослободени а Израел ќе се повлече на договорената линија.

Истовремено, еврејската држава ќе ослободи дел од палестинците во своите затвори и ќе се овозможи почетокот на доставувањето на неопходната хуманитарна помош во појасот Газа, околу 400-тини камиони со храна во првите пет дена. За 24 часа, Израелската војска треба да се повлече на договорените позиции, по што во рок од 72 часа, Хамас ќе ги ослободи заложниците кои се уште се во Газа.

„Успеавте! Ви благодариме. Ова е чудо. Г-дин Претседател, верувавме во вас. Знаеме дека направивте толку многу за нас во минатото, откако станавте претседател, но и претходно. Веруваме дека вие ќе ја исполните мисијата додека секој заложник, секој од 48-те заложници не се вратат дома. Ви благодариме. Благодариме Г-дин Претседател. Благословени се миротворците. Бог да ја благослови Америка“ – му порачаа на Трамп во телефонски разговор, семејствата на заложниците.

„-Ви благодарам многу. Вие грижете се за себе. Заложниците ќе се вратат. Сите тие ќе се вратат во понеделник“ – им одговори Трамп.

Веста за постигнатиот договор беше пречекана еуфорично од страна на семејствата и пријателите на заложниците во Тел Авив и сите поголеми израелски градови. Конечно нашите семејства ќе имаат мир, благодарение на Трамп, порачуваат овие луѓе.

Ако не еуфорично, тогаш секако со огромно олеснување беше пречекана веста за постигнатиот договор за првата фаза од планот на Трамп од страна на Палестинците, кои во последните две години од повеќедеценискиот конфликт со Израел, беа на удар на страотни воени напади, кои ја оставија Газа во руини, со над 67 000 жртви, од кои над 19 000 се деца. Убаво е што ќе може да се вратиме, но каде ќе се вратиме, се прашуваат палестинците во Газа, каде Израел срамни со земја над 90% од инфраструктурата.

„Среќни сме дека војната, се надеваме, ќе заврши и дека крвопролевањето ќе заврши. Но, ние немаме куќи и на што да се вратиме. Но надежта е дека барем дел од нормалниот живот ќе се врати. Се надеваме дека Алах ќе ни помогне“ – изјави една жителка на Газа.

Постигнатиот договор е само првата фаза од потрагата по мир. И досега беа ослободувани дел од заложниците, по што Израел продолжуваше безмилосно да ја уништува Газа. Клучните спорни прашања, остануваат барањето на Нетанјаху за разоружување на Хамас и планот за пост- военото управување и наводна обнова на Газа.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Андоновски: Со „Везилка“ уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор

Дејан Дејан

Максим Димитриевски за владината реконструкција: Сите опции се на маса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе