Пред локални избори и пред Општина Куманово, со полициски ленти беше обезбедено местото на кое беше застрелан носителот на листата на ДУИ за Општина Липково, Зекирја Шаини. Шаини, кој е лекар пулмолог, е застрелан пред 14 часот додека се возел со голф, а во него пукале две лица кои се движеле по улицата. Инцидентот се случил на раскрсница пред Општина Куманово, на 50-тина метри од полициската станица во Куманово и судот и обвинителството во овој град.
По првичната интервенција лекарот е однесен на скопските клиники. Има повреди од куршуми на рака и на нога и е надвор од животна опасност.
Веднаш по настанот, напаѓачите избегале и сè уште трае потерата по нив. Полицајци со панцири и со автомати го обезбедуваа местото. Првичните информации се дека мотивот е од семејни прилики, а обвинителството наведува дека засега нема индиции за политички мотивиран напад.
„Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се вели во соопштението на обвинителството.
Застреланиот Шаини е лекар специјалист по пулмологија и вработен е на скопската Клиника за пулмологија.
Миомир Серафиновиќ
