Вести Македонија

Одземање на концесијата и темата засекогаш да се затвори – активистите за рудникот во Иловица и Штука кој ги раскара мештаните

Среде струмичкото поле, во пазувите на планината Огражден, речиси една деценија се бие битка да не се отвори рудник. Тука се селата Иловица и Штука и најголемиот дел од нивните жители станаа екоактивисти за како што велат, да си го заштитат огништето.

Ило Малинов има речиси 80 години и нескротлив дух. Смета дека последниве години сѐ што имале за рудникот кажале, а политичарите треба само да го следат ставот на граѓаните, но и расположливите информации за опасноста од отворање рудник во непосредна близина на населено место и плодни ниви.

„Ако сега нашите политичари не бидат внимателни, да дозволат да се случи рудник, знаете ли што ќе биде. Јас најмногу сум исплашен, јас не сум 30, 40 години, јас влечам од поодамна ситуации. Живеам во Штука и Иловица, ние сме едно големо село. Сериозно умирање има на луѓе од заболување, а тоа е од самото постоење, загаден воздух, храна која не е во ред, е сега ни е кусо уште рудник да се отвори овде на 500 метри од овие села“, вели Ило Малинов.

Среде Штука, пред продавничката, селаните ги коментираат актуелните случувања. Играат дама, ги толкуваат изборите кои се наближуваат, но и темите што ги загрижуваат. Стојан и Атанас велат дека рудникот ги раскарал мештаните.

„Желбата за профит не престанува ни кај една, ни кај друга партија. Желбата за коска кај профитерите не отстапуваат од таа мисла. Желбата на селото е да не се отвори рудник. Не сме против тие што мислат да се отвори, ама има препукување, се создава неубава атмосфера што не е добро за соживотот“, вели Атанас Горгиев.

Активистите порачуваат да се одземе концесијата за рудникот и темата еднаш засекогаш да се затвори.

Пред неколку години, жителите на струмичкиот регион веќе кажаа „не“ на рудникот „Иловица“, кој предизвика масовни протести и собири во Струмица и населените места. Темата беше актуелна изминатите изборни циклуса и за локалните и за парламентарните избори.

Сузана Мицева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Запалени автомобилите на адвокатот Алиспахиќ

Дејан Дејан

Поради погрешен матичен број на полицаец вратен на работа со судска одлука- „застана“ здравственото осигурување на сите вработени во МВР

Дејан Дејан

ЦУК: Попладнево активни се три пожари во државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе