Вести Македонија

Нови превирања во Стоматолошката комора – стоматолози го прогласија за нелегален претседателот на СКМ, а тој обвини за обид за превласт

Нови превирања во Стоматолошката комора на Македонија. Група стоматолози денеска од пред канцелариите на комората, го прогласија за нелегитимен претседателот на СКМ и упатија низа обвинувања за злоупотреби и незаконско делување.

Управен суд пресудил дека се поништува одлуката за верификација на мандатите на избраните делегати во собранието на Стоматолошката комора, вклучително и на мандатот на претседателот Маријан Денковски.

„Го повикуваме нелегалниот претседател Маријан Денковски да престане да ги злоупотребува ресурсите со кои располага Стоматолошката комора и кои припаѓаат на сите стоматолози, како и да престане со незаконитите дејанија, а институциите на системот да ги преземат и спроведат сите дејствија. Министерството за здравство да продолжи да ги врши своите надлежности, со цел непречено да се одвива процесот за новите избори“, вели Дафина Богеска, стоматолог и подносител на тужбата против одлуката за верификација на мандатите. 

Од Стоматолошката комора на Македонија веднаш стигна реакција на прес-конференцијата на стоматолозите.

Велат дека денеска ја добиле пресудата од Управен и истата ќе ја почитуваат во целост, со тоа што постапката ќе ја вратат назад на повторно одлучување во телата на Комората. Но, од СКМ тврдат и дека ова е обид за „преземање на власта“ во Комората.

„Загрижените колеги би требало сериозно да размислат за нивните постапки затоа што на овој начин претендирајќи на незаконско преземање на Комората можно е да се отвори „Пандорината кутија”, што може да доведе до несогледливи штетни правни последици по комплетниот стоматолошки систем за што е известена и Владата. До избор на нов претседател, претходниот претседател најмногу година дена или до избор на нов претседател ја врши функцијата“, се вели во соопштението на Стоматолошката комора на Македонија. 

Стоматолошката комора на Македонија стана актуелна уште пред два месеци. Во август, министерот за здравство Азир Алиу ѝ ги одзеде овластувањата на СКМ за давање на лиценци, со тврдење дека има неправилности и сомнежи за финансиски злоупотреби. Од Здравство тогаш доставија документација до обвинителството за тој случај.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алиу на панел-дискусија во Гостивар: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Дејан Дејан

Потпишан Договор за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Македонија и Албанија

Дејан Дејан

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе