Премиерот не се откажува од формирање паралелна минимална потрошувачка кошница, поради сомнежите дека постоечката не ги исполнува потребите на граѓаните. Тој претходно во многу наврати коментираше дека многу од производите кои се на листата се непотребни.
Преку дејствување на Економско-социјалниот совет Мицкоски најави дека дополнително ќе се прави втора пресметка која ќе ги опфати пензионерите, а ѝ семејствата кои бројат четири и три члена.
Ова намера на Владата трае со месеци, повикувајќи се на претходни анализи, кои треба да ги изработи државниот заводот за статистика и пазарниот инспекторат.
„Таква една потрошувачка кошница којашто ќе одговара на потребите на граѓаните, мислам дека треба да излезе. Јас реков, и уште стојам на ставот, и сум поборник на ставот дека мораме како втора пресметка да направиме пресметка и за потрошувачка кошница за самец, семејство млад брачен пар, за трочлено, четиричлено семејство, но и за пензионери. Ценам декам сето ова треба да го имаме на ум, бидејќи потребите на млад брачен пар и пензионери не се исти, и не можеме сега една потрошувачка кошница да ја третираме како генерална“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
И покрај падот од 430 денари, синдикалната потрошувачка кошница одново ги акцентираше главните трошоци на семејствата. Па така 35 отсто од минималниот буџет оди на храна, а приближно толку оди и за домување.
Граѓаните изминатиот месец најмногу трошеле за храна, и покрај тоа што минималната кошница е намалена за 630 денари. Сепак во отсуство на владини мерки како што е замрзнување на маржите, ограничување на цените, останува нејасно на што се должи оваа намалувањето. Дали поради снижување на цените на сезонските производи или, пак трговците одат со помали маржи на производите.
Сепак премиерот не се откажува од оваа битка, и смета дека преку инструментите на пазарниот инспекторат и законот за нефер трговски практики ќе може да им се застане на патот на трговците.
„Мерките се во тек, тоа што ние не правиме естрада од политиките коишто ги водиме, не значи дека не се грижиме. Секојдневно Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција се на терен, дури има и одредени постапки коишто се почнати и покренати. Пред почетокот на учебната година имавме акција за училишната кошница каде имаше намалување на цените на голем дел од производите коишто ги користат учениците, очекувам во периодот што следи намалување на инфлацијата“, додаде Мицкоски.
Од ССМ не прифаќаат Владата да креира паралелна потрошувачка кошница, но се на ставот дека е потребен раст на платите, кој може да ја намали високата растечка инфлација. Според Државниот завод за статистика стапката на инфлација бележи месечна промена од минимални 0,2, а зголемување на годишно ниво е 4,4 отсто.
Теа Димковска
