„ Ме фати некоја клаустрофобија . Ме фати некој немир“.Вака визуелната уметница Љупка Делева ја објасни потребата да ја напушти Македонија во 2001 година и да мигрира во Венеција, исплашена од воениот конфликт во земјава, иако во тоа време работеше во Градскиот конзерваторски центар како дипломиран сликар на ФЛУ во Скопје, со специјализација за ѕидно и фрескосликарство, реализирана една година порано во главниот град на регион Венето. Трансформацијата на нејзиниот идентитет од емигрант во имигрант е доловена на изложбата „ Трансформација- проток- тек“, отворена во Чифте амам при Националната галерија на Македонија, под кураторство на Ана Франговска. Меѓу изложените дела, креирани од Делева, од 1998 до оваа година, наидовме на досетлива интерпретација на знамето на ЕУ како фустан, поврзана со неостварената желба на народите од регионот. Тука е и знамето на Италија, кое што било дел од перформанот што уметницата го реализирала кога добила италијанско државјанство, претставувајќи ја како ангажирана авторка.
- Сметам дека уметникот, современиот уметник не може да се затвори во своето студио и да живее неповрзан со она што се случува на светско ниво. Не само на светско ниво , во своето опкружување, вели Љупка Делева, визуелна уметница.
- Тоа што сакаме да има е некаков ретроспективен брис, самата изложба. Да ја прикаже нејзината трасформативна природа, која што се наоѓа во нејзиниот бит, нели? Нејзината животна приказна, меѓутоа и нејзината уметничка приказна, испреплетена низ тој збор, низ тој тек на настаните и променливост на нештата, кажа Ана Франговска, кураторка на изложбата.
Оваа селективна документаристичка ретроспектива вклучува видеа, инсталации, дигитален печат од претходните изложби на уметницата во земјава, како и акварели, дела со туш и фотографии. Во дел од нив Делева самата е објект на сопствениот уметнички израз. А, фотографиите се направени низ еден личен пристап кон творењето.
- Мене ме интересира тој медиум кој што е инстиктивен. Кој што брзо го фаќа моментот, се фаќа чувството, се фаќа идејата и се презентира на некој начин, рече уметницата Делева.
- Некаков спој на афектација, на чувства и на моментални доживувања кои што ете, го добиле својот природен тек. И тоа имало некакво свое течение, некаков свој нормален редослед , кој што од естетска природа се редел на таков начин. Но, сам по себе добил и одредена концептуална природа, вели кураторката Франговска.
Изложбата е прво самостојно претставување на авторката пред домашната публика по 24 години пауза, а ќе биде отворена за јавноста во Чифте амам до 9. октомври.
Сотир Трајков
