Ќе се носи нова цена за пренос и дистрибуција на струја. До крајот на септември регулаторна треба да ги добие барањата од МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција. Овие трошоци се дел од сметките за електрична енергија, кој ги добиваат граѓаните. Колку ќе ги чини домаќинствата транспортот на струја, ќе зависи од пресметките на компании, но и од одлуката на регулаторна.
Во однос на цените за пренос и дистрибуција не очекувам поголеми промени. Најбитните елементи веќе ги имаме определено. Единствено зависи колку ќе биде цената за набавка на електрична енергија во преносната и дистрибутивната мрежа, но по она што го гледам по фјучерси во берзите од регионот и Европа не очекувам драматични промени, односно ќе се држиме во рамките на постоечките цени за пренос и дистрибуција, изјави за Телма, претседателот на Регулаторна комисија, Марко Бислимовски
Новата цена за преносот и дистрибуцијата ќе се донесе до крајот на ноември. Но, какви сметки за електрична енергија ќе добиваат граѓаните најмногу зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ за домаќинствата на тендерот на ЕВН ХОУМ кој треба да се објави до крајот на годината. Во моментов тие ја продаваат својата струја по 62 евра за мегават час. Новите цена и за струјата, но и за преносот и дистрибуцијата ќе важат од први јануари догодина.
Првиот регулатор Бислимовски потсети дека од тогаш од земјава се бара и ќе има обврска да ja зголеми цената на струјата произведена од термоелектрани. Па, од тука останува да се види дали и какви корекции ќе се прават.
Тоа е обврска земјите или да си ја зголемат цената за производство на струја од термоелектраните од тие кои што се најголемите загадувачи или доколку не се направи тоа ќе се воведе посебна извозна такса за овие земји. Верувам дека заеднички со сите земји од регионот ќе се успее да се одложи примената на оваа мерка поради тоа што сепак ни треба повеќе време за да се замени ова термо производство со друг вид на производство на електрична енергија имајќи во предвид дека тоа е подолготраен процес, додава Бислимовски
Токму износот по кој електрани ја продаваат својата струја за домаќинствата е една од забелешките во извештајот на ревизорите во кој се наведува дека ако ЕСМ продолжи со скапо производство, а евтина продажба ќе банкротира.
Првиот регулатор Бислимовски вели дека состојбата во која се наоѓа ЕСМ не е тајна и излезот од проблемот го гледа само во зголемено производство. Во извештајот стои и дека за 5 години треба да се затворат термоцентралите, а ЕСМ нема нови капацитети.
Бислимовски смета дека целиот јаглен кој го имаме на располагање треба да се потроши, а до тогаш да се направат напори и да се изградат нови постројки, односно нови когенеративни централи.
Ирена Чачкова
