Македонската одбојкарска репрезентација од денеска е во Атина каде утре се среќава со домашната селекција на Грција во рамки на претпоследниот натпревар од евроквалификациите. Нашиот тим е во потрага по четврто учество на Европските првенства по ред.
Одбојкарите имаа напорно и тешко лето со многу натпревари, па формата треба да биде на највисоко ниво за последните два решавачки дуели во квалификациите против Грција на гости и со Грузија дома.
Македонија во јуни одигра шест натпревари во Златната лига со ефект од две победи и четири порази. Меѓу негативните резултати беше и оној против утрешниот наш ривал Грција и тоа од 3-0. Потоа одбојкарите одиграа две неофицијални контроли со Бугарија во Софија со скор од една победа и еден пораз, а за крај на подготовките за евроквалификациите следуваа и двата порази на турнирот „Чајка“ од Швајцарија со 3-1 и од Бугарија со 3-0 во Скопје.
Во квалификациите Македонија треба да биде меѓу најдобрите пет второпласирани репрезентации од вкупно седум квалификациски групи или да ја освои групата. Победа во Атина сигурно нè носи на Европското првенство следната година, но и со пораз и два освоени сета исто така големи шанси да бидеме меѓу петте најдобро вторпласирани селекции. Секако ако победиме на последната средба со Грузија во Скопје.
Оваа селекција минатото лето ја победивме во Тбилиси со 0-3, а во Скопје загубивме од Грција со 1-3.
Фото: Игор Паневски
