Македонската кошаркарска репрезентација засилено се подготвува за вториот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Тимот од вчера се наоѓа во Шолнок, каде во сабота од 18 часот го очекува дуел со селекцијата на Унгарија, која вчера во својот прв натпревар во претквалификациите загуби од Романија на гости со 76-64. Романците сега имаат две победи од два натпревари во групата.
„На натпреварот со Романија одиграме релативно добро, но пресуди нашето неискуство. Сè уште сме многу млади, имаме некои играчи кои се во улога на дебитанти“, изјави македонскиот репрезентативец Виктор Ташовски.
„Во дуелот со Унгарија, треба да се обидеме да ги намалиме грешките. Што помалку грешки, толку подобро. Мислам дека нашата транзиција беше делумно добра. И сметам дека ако имаме подобра транзиција, можеме да извлечеме и подобар резултат на гости“, додава нашиот бек.
„Македонија треба да биде над своите можности. Веројатно ќе бидеме во улога на аутсајдери на овој натпревар. Но ништо не е нереално. Но јас ќе бидам оптимист, и ќе кажам дека одиме на победа. Како на натпреварот со Унгарија, така и на следното гостување во Романија. Не е нереално да се победи и таму, така да очекувам победа на двата меча“, истакна Ташовски.
Македонија по гостувањето во Шолнок, во рамки на 3.коло повторно игра на гостински терен и тоа кај Романија во Орадеа на 13-ти август. Претквалификациите ги завршуваме на домашен паркет во Куманово против Унгарија на 20-ти август.
Фото: КФСМ
