Над 34 милиони парчиња јајца биле помалку произведени лани во однос на 2023 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Каква е ситуацијата за годинава, кога се забележува скок на извозот на јајца, податоци допрва ќе се објават, иако некој од производителите велат дека има подобрување.
Периодов, пак, може да се забележи дека во одредени маркети често се случува местото резервирано за јајцата да е празно. Дел од производителите кои ги контактиравме нè брифираа дека доста добар дел одат за извоз, заради подобра цена и услови. Најчесто се пласираат во Грција.
Па, така во првата половина од годинава според бројките на Државниот завод за статистика на странските пазари биле пласирани над четири милиони килограми јајца. Ако се пресмета, тоа е околу 40 отсто од она што било произведено во 2024 година.
Од јануари до јуни годинава, пак, за два и пол пати биле извезени повеќе јајца во споредба со истиот период лани. Најголем извоз е забележан во јуни.
Од друга страна, пак, периодов се склучуваат и нови договори меѓу трговците и производителите, кои треба да бидат во согласност со Законот за нефер трговски практики. Според познавачите, и тоа многу зависи присуството на одреден производ на пазарот.
Доколку, пак, дојде до недостиг на одредено производство, според законите, државата може да го ограничи вршењето на трговија во случај:
-природни и други непогоди
-пореметувања во трговијата,
-нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, -воена состојба или непосредна закана за независноста
-потреби за осигурување на производите, суровините
Ова се само дел од ситуациите во кои би било ограничувањето. Владата може да ги пропише само ако пореметувањето не може да се отстрани со други мерки или ако потребите не можат да се намират од стоковите резерви, со увоз или други мерки на трговската политика.
Податоците покажуваат дека има раст и кај увозот, но не со толкав интензитет како што е забележан кај извозот.
Од бројките на статистика може да се види и дека за една година за 270.000 се намалил и бројот на кокошки несилки.
Ирена Чачкова
