Каматните стапки остануваат непроменети. Ова е една од одлуките на редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. Каматната стапка на благајничките записи останува 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум на нивоа од 3,95%, односно 4%. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари.
„Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците коишто произлегуваат од надворешното и домашното окружување. Целокупниот сет досегашни мерки – тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки – е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво“, се наведува во соопштението на Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи, додаваат од НБРСМ.
„Во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт. Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“, велат од НБРСМ.
Според НБРСМ, состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна, а на крајот на јуни, нивото на девизните резерви изнесува 4.697,6 милион евра.
„Во првиот квартал од 2025 година, економската активност и натаму расте и изнесува 3,0%, што е слично со остварувањата во претходните два квартала и во согласност со очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството. Ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија“, информираат од НБРСМ.
Народната банка порачува дека е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за да придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност на среден рок.
