Вести Македонија Најважни

Изгласана интерпелација на Коцевски, ќе си поднесе ли оставка?

Со 71 глас „за“ мнозинството во Собранието ја изгласа интерпелацијата за Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Пратениците донесоа заклучок дека наводите во интерпелацијата се основани и тој не треба повеќе да биде на функцијата.

Но остана дилема дали можеби ќе се повтори ситуацијата со екс-претседателката на собраниска комисија, Илире Даути, на која ѝ беше изгласана интерпелација, а одбиваше да си поднесе оставка? Коцевски, кој денеска не се појави во собраниската сала да се брани од аргументите на подносителите, во писмен одговор тврди дека  на оваа интерпелација не треба да и се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер затоа што е претставник на третата власт.

Пишува дека, постапката за одговорност на Јавниот обвинител е уредена co lex specialis, односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата.

Пишува и дека, формулациите „разно-разни афери“, „низа скандали“ и „хаотична состојба во начинот на функционирање на обвинителството“ се воопштени и со ништо непоткрепени и дека обвинителството постапува исклучиво според доказите. Негира какво било политичко влијание и побара од пратениците да ги отфрлат наводите во интерпелацијата и да ја заштитат самостојноста на институцијата.

Подносителите од Левица,  кои му забележуваат за селективност во кочанската трагедија, за нечесен компромис со власта, непостапување за дивоградбите во Чаир и функционалниот хаос во Вишото јавно обвинителство, му одговорија дека „ги помешал лончињата“.

„Уште на првиот час на студентите по право им се кажува дека обвинителството е страна во постапката и дека припаѓа на извршната, а не на судската власт. Тие сметаат дека се дел од третата власт и оттаму нивната авторитарност“ рече Димитар Апасиев, пратеник од Левица.

Од СДСМ се со ист став како Коцевски. Сметаат дека оваа постапка требало да се води како што беше претходно најавено, со разрешување, а не со интерпелација. Се повикаа на член 63 став 3 од Закон за јавно обвинителство, каде стои дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за предлогот на владата за именување и разрешување. За нив, интерпелацијата не мора да има правни последици и затоа се откажаа од расправа и гласање.

„Оваа постапка не е правно обврзувачка. Од Јавниот обвинител зависи дали ќе си поднесе оставка или не“ рече Јован Митрески од СДСМ.

Од истите причини, и од „Европски фронт“ не беа во салата за време на гласањето.

Од ВМРО ДПМНЕ ја поддржаа интерпелацијата.

„Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност. Сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет, добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот“ рече Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето, дали доколку Коцевски не си поднесе оставка по интерпелацијата, ќе продолжат со постапката за негово разрешување, Мицевски одговори дека првин ќе ја почекаат неговата реакција.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Реконструкција: Правда за земјоделие или за МВР?

Дејан Дејан

„Пулс“ почнал со работа, иако во континуитет не исполнувал услови, кажа обвинителката на денешното рочиште кое на моменти беше тензично

Sasko Dimovski

Финансов директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп за фиктивни услуги исплатил повеќе од 23 000 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе