Мерки против високите цени ќе има, откако ќе заврши анализата уверува премиерот Мицкоски. Во среда пак се очекува нова средба помеѓу синдикатите, владата и работодавачите. Ова за Телма го соопштија од ССМ.
Според, најавите на состанокот ќе се разговара за цените, но и за новата кошничка. Премиерот Мицкоски пред да се одржи најави дека мерки ќе се донесат, но не откри какви. Прво сака да ја види анализата која треба да ги покаже причините за инфлацијата.
„Мерки во моментов нема, зошто трае анализата. Кога ќе заврши анализата, се разбира дека ќе има мерки. Анализата ја правиме во консултација со професори и со луѓе кои што се од фелата, стручни лица, итн. Мислам дека е веќе во завршна фаза за да излеземе со конкретни мерки, иако веќе имаме индикатори зошто тоа се случува“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На состанокот ќе се зборува и за новата кошничка која ја скрои владата, откако излегоа со забелешки дека во онаа на ССМ има спорни работи. Но, премиерот најави и нови пет, за самци, за млади брачни парови, три и четиричлено семејство и за пензионери.
Во меѓувреме додека се чекаат мерките, ССМ објави дека за три месеци само кај храната и пијалоците цените пораснале за над 10 отсто. На едно четиричлено семејство, пак, за да го помине месецот му се потребни над 65.000 денари. Статистика, пак, објави инфлација од 4,5 отсто во јуни годинава во споредба со јуни лани.
Проблемите со цените траат веќе извесен период. Очекувањата беа дека со Законот за нефер трговија ќе се стави ред. Сега, пак, од министерството за економија најавија дека се работи на долгорочна стратегија со која треба да се зголеми домашното производство, а да се намали увозот.
Ирена Чачкова
