Мерки против раст на цените, засега нема. Иако, од Владата неколку пати најавија дека ќе се донесат многу скоро, сега од Министерството за економија чекаат да заврши јули, па потоа ќе се одлучува дали има потреба. Сепак, Дурмиши е оптимист дека ќе има стабилизација. Претходно во јавноста се споменуваше дека најверојатно ќе бидат слични на претходните, но Дурмиши не сакаше да открие со какви мерки ќе се делува, ако дојде до тоа.
-По завршувањето на мерките, нормално е очекувано е да растат цените. Тоа е суштински како функционира пазарот. И од месец мај до месец јуни имаме стабилизирање на цените, чекаме и овој месец и ќе ве известиме, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Следната недела се очекува и нова средба помеѓу синдикатите, Владата и работодавачите на која освен за мерки, ќе се разговара и за новата кошничка на Владата која ја скрој откако имаше забелешки дека во онаа на ССМ има спорни работи. Дурмиши кажа дека веќе се разговара и околу новите пет за пензионери, за млади брачни парови, за три и четиричлено семејство, нешто што пред неколку дена го соопшти премиерот Мицкоски.
-Сите имаат различни потреби, пензионерите имаат повеќе пари за апчиња, младите трошат за нешто друго, додава Дурмиши.
И додека се чека да падне одлука дали ќе има мерки или не, статистика и ССМ со алармантни податоци. Месечните трошоци постојано растат. Последно анализата на синдикатот покажа дека само кај храната и пијалаците за три месеци поскапувањето е 10 отсто. Статистика пак измери инфлација од 4,5 отсто во јуни во однос на јуни лани. Најголемо поскапување е забележано кај зеленчукот, овошјето, а цените пораснале и кај другите производи, маслото, мастите, сирењето, јајцата лебот.
За една година пак според статистиката зеленчукот поскапел за речиси 50 отсто, а овошјето за над 20 проценти. Проблемите со цените траат подолго време, и се очекуваше со Законот за нефер трговија да завршат. Сега, пак се најавува нова стратегија за долгорочно решение, преку зголемено домашно производство и намален увоз.
Ирена Чачкова
