Ќе успее ли овој пат турски Казанџи да влезе во македонскиот енергетски сектор? Денеска премиерот Мицкоски и претседавачот на холдингот потпиша меморандум за соработка. Ова практично е првиот чекор за отворање на патот за инвестирање. Првиот обид се случи пред неколку години кога на власт беа СДСМ и ДУИ.
Акса Догалгас која според податоците е подружница на групацијата Казанџи беше една од двете фирми помеѓу кој тогашната Влада требаше да направи избор – кој да гради дистрибутивна мрежа за гас до домаќинствата во земјава.
Тогаш не падна договор со ниту една компанија. Според, инфорамциите во преговорите токму Акса Догалгас имала посебни барања. Односно предложиле промена на формулата која се користи за пресметка на прифитот на фирмата. Барале во формулата да биде вметната и инфлацијата. Но за тогашната влада ова не било прифатливо.
Дали доколку тие сега бидат избрани на тендерот повторно ќе го бараат ова, што точно би била содржината во договорот од Казанџи конкретно не одговорија, само кажаа дека овој пат се надеваат работата да успее но уверува и дека јавноста ќе биде запознаена со деталите кога ќе биде се официјализирано.
- Се надевам ќе се реализира овој проект во најблиската иднина, рече Шабан Џемал- претседавач на Казанџи Холдинг.
Без многу детали Мицкоски соопшти дека оваа инвестиција од една милијадра е вредна за енргетиката.
- Проектот предвидува три главни компоненти. Развој на нови капацитети за производство на струја, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас- рече Христијн Мицкоски- премиер.
Странските медиуми пренесуваа дека еден од најголемите производители на струја во Турција е вмешан во обвинувања за корупција околу договор во Гана, посредуван од банкар на Голдман Сакс.
Ирена Чачкова
