Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Италијанската развојна банка, јапонската МУФГ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, Ерсте банка, Сосиете женерал, Дојче банка, ЏП Морган, Сити банк, Уни кредит, Каргил и НЛБ и Рајфајзен банка. Ова се 16-те банки и финансиски институции кои пројавиле интерес да ја финансираат брзата пруга, информираат од Министерството за финансии.
Но, целиот процес околу изборот, се префрла во Владата. На вчерашната затворена седница на Владата се разгледа информација во однос на доставените податоци од страна на меѓународните финансиски институции и комерцијални банки за финансирање на брзата пруга и се донесе заклучок да се формира Меѓуресорска работна група во рамки на Владата.
Кои услови, односно висина на каматна стапка и се останато ги понудиле за сега не се открива со образложение дека станува збор за доверлив процес. Но, премиерот Мицкоски уверува дека ќе биде избрана најповолната понуда.
Инаку, за брзата пруга од Табановце до Гевгелија потребни се околу две милијарди евра. За заемот гарант е Обединетото Кралство со кое државата пред извесно време потпиша и договор. Освен брза пруга, планот е да се модернизираат и болници и да се гради нов Клинички центар.
