Обвинителството ги истражува последиците од големиот пожар што на 9 јули избувна на отпадот во скопско Визбегово. Во предистражната постапка се вклучени стручни лица од повеќе области, меѓу кои и армиски експерти за атомско-биолошка и хемиска одбрана. Сомневањата се однесуваат на евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи.
Пожарот предизвика густ и црн чад кој се ширеше низ Скопје. Од Јавното обвинителство информираат дека локацијата е целосно обезбедена, на терен се полициски инспектори, се прибира и документација за работата на објектот, а се проверува и каков отпад бил складиран.
„Обезбедени се снимки од видео надзор кој се прегледува и се анализира. Увид извршија и инспекциски служби за животна средина, а во постапката се ангажираат и вешти лица од областа на екологијата. По барање на јавниот обвинител, веднаш по настанот, беше активиран и тим од четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана на АРМ кој собра примероци и изврши мерења на токсичните материи во воздухот во Скопје, а резултатите треба да бидат доставени до обвинителството“, соопштија од ЈОРМ.
И денеска се активни три пожари низ земјава. Сите сили се фокусирани кај Николиќ, во Општина Дојран, каде огнената стихија веќе неколку дена беснее на тешко пристапен терен. Во гаснењето учествуваат пожарникари од Валандово и од Струмица, екипи од „Национални шуми“, а од утрово ангажирани се и четири теренски возила „пинцгауер“ на ДЗС и три воздухоплови од АРМ и МВР.
„Нашата цел е овој пожар денеска целосно да биде изгаснат, но тешкиот терен, густите грмушки и трње го отежнуваат гаснењето“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
На новинарско прашање во врска со шпекулациите дека функционер од ДУИ е осомничен за намерно предизвикување пожари, премиерот Мицкоски рече дека не сака да изнесува детали.
„Имаме одредени информации и основани сомневања дека настаните во Скопје пред неколку дена биле резултат на организирана акција. Има приведени, одземени се телефони. Очекувам органите да ја завршат својата работа. Доколку се потврдат сомневањата, некои личности ќе се најдат во сериозен проблем“, рече Мицкоски.
Покрај трите активни пожари, денеска од ЦУК информираат дека во изминатото деноноќие имало вкупно 38 од кои 30 се изгаснати, а пет се под контрола.
Емилија Мисирлиевски
