Вечните ракометни ривали Вардар и Еурофарм Пелистер денеска од 17:30 часот во салата „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се соочат во големото финале на македонскиот Купот. Скопјани гледаат кон 17-тиот пехар во Купот, а битолчани го бараат првото славје во ова натпреварување по пауза од 20 години.
По вчерашните полуфинални натпревари, денеска време е за крунисувањето на новиот Куп-освојувач. Вардар во драматичен натпревар го елиминираше актуелниот бранител на трофејот Алкалоид. По регуларните 60 минути беше 28-28, а „црвено-црните“ беа подобри пеналџии за да стигнат до финалето. Ниту на Еурофарм Пелистер не му беше лесно против домаќинот Охрид во полуфиналето, но битолчани на крајот славеа со 27-23.
За најголемите ривали ова ќе биде претпоследна сезонска пресметка и шанса за трофеј. Уште еднаш ќе се соочат во Скопје на 8.јуни во решавачкиот натпревар од плеј-офот за шампионската титула во Супер лигата.
Вардар е доминантна сила во македонскиот ракомет, па во Купот има 16 трофеи. Пелистер на спротивната страна можеби ги освои последните две шампионски титули во првенството, но во Купот има пост од цели 20 години. Последен пат битолчани го кренаа овој пехар во 2005 година што за нив беше петти Куп-трофеј и засега последен.
Во пресметките на овие два ривали секако нема фаворит, туку само момент на инспирација што може да го реши победникот.
Фото: Игор Паневски