Шеесет и четиригодишниот битолски хирург, М.С. е уапсен откако примил поткуп по операција што ја извршил врз жолчно ќесе на пациентка во Клиниката болница во Битола. Тој побарал 150 евра индиректно, преку друго лице, од синот на пациентка, за да се почести за извршената работа, соопшти обвинителството.
Потоа во просториите на Болницата вчера синот во плик му дал на лекарот три банкноти по 50 евра, кои биле обележани. Откако ги примил, околу 17 часот, полициски службеници по извршениот претрес, ги пронашле парите, а М.С. е лишен од слобода.
„Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“, откако по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава“, се наведува во соопштението од СВР Битола.
Од болницата се оградија од постапката на лекарот, кој беше и началник на Хируршкото одделение.
„Клиничка болница е запозната со случајот од страна на СВР Битола и ги охрабрува истражните органи да постапат транспарентно и законито. Категорично сме против и силно ја осудуваме секоја намера на здравствен работник да оштети пациент на било кој начин и во било која форма“, велат од Клиничка болница Битола.
Од таму информираат дека хирургот М.С. уште синоќа е сменет од раководната позиција во Болницата, а започната е постапка и за негова суспензија од работното место додека трае истрагата на полицијата. Обвинителството бара притвор за лекарот, бидејќи постои опасност од бегство.
Емилија Мисирлиевски