ВМРО ДПМНЕ вечерва во Струмица го одбележа 36 роденден. Во спортската сала пред присутните членови и симпатизери претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски испрати неколку пораки и најави промени кои како што рече почнуваат од утре со реконструкцијата на Владата.
Прецизно рече дека го следи феноменот кај дел од ешалоните на власта кои се однесувале спротивно на принципите на Владата и на кои како што рече „фотелјите им станале поблиски од народот“.
„Има и такви на кои фотељата им стана поблиска од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме“, рече Мицкоски.
Тој сподели дека пред 8 години кога ВМРО беше во опозиција, а тој беше избран за претседател на партијата, бил во посета на месните комитети во Струмица со само двајца-тројца луѓе со него.
„Јас пред осум години токму од Струмица, кога станав претседател на ВМРО-ДПМНЕ, почнав со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил што неретко се расипуваше, со една наследена и истрошена камера, со блокиран партиски имот и со двајца-тројца луѓе околу мене. Но желбата за успех беше голема. Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта“, порача Мицкоски.
Во однос на можноста за избори, порача дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за секоја опција.
„Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на прашањето за уставните измени, премиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промени без гаранции за европскиот пат на државата.
„Нашата заложба и понуда се измени кои би се случиле само под услов да имаме гаранција за извесност на европскиот пат и дека ова ќе биде последната отстапка што ќе ја направиме. Нема сила, ниту пари на светот, кои ќе ме предизвикаат да донесам историски срам за нашата татковина“, кажа Мицкоски.
Ja обвини опозицијата дека ги изневерила ветувањата на граѓаните и потпишала предавство кое сега е проблем на патот кон Еу. Ако не бил проблемот кој го создала опозицијата, со реформите на сегашната власт, земјава веќе ќе била пред вратите на ЕУ. Уште еднаш порача дека во однос на приближувањето кон ЕУ претстои маратон за да се исправи предавството што го направила претходната влада.
