Ракомет Спорт

Лазаров: Треба да ја заборавиме Унгарија, Холандија е тим што помалку ни одговара

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров целосно се фокусира на утрешниот предизвик против Холандија во рамки на 2.коло на Светското првенство. Турнирот го почнавме добро со реми против фаворитот Унгарија иако имавме големи шанси и да го освоиме цел плен и да почнеме со победа во рамки на групата Д.

„Мислам дека треба да бидеме навистина задоволни и нема за што да жалиме. Треба да го заборавиме натпреварот со Унгарија и со една позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат, можеше да биде и подобро, но да не бараме ‘леб преку погача’. Треба да бидеме задоволни и да се фокусираме на она што ни претстои, веќе утрешниот натпревар со Холандија и следните натпревари“, изјави Лазаров. 

„Лалињата“ се селекција која можеби го игра најбрзиот ракомет во светот и според тоа Лазаров смета дека се понезгоден противник за Македонија од Унгарија. Но добрата атмосфера и самодовербата кај играчите треба да се надополни со нов добар натпревар во Вараждин.

„Мислам дека Унгарија е поцврста репрезентација, но мислам дека Холандија е репрезентација што помалку ни одговара според стилот на игра. Тоа е репрезентација што игра брз ракомет, има ритам во текот на сите 60 минути, не дека Унгарија го нема, напротив исто така го има, но дека со тоа што правеа повеќе измени ни даваа повеќе опции. Затоа јас сум максимално фокусиран, гледајќи да не ги оптоварувам премногу момците, затоа што се во една добра атмосфера, можам да кажам дека имаат и добра самодоверба, подржани од нашите навивачи, кои се надевам дека утре ќе бидат во уште поголем број. Треба да го искористиме тоа утре“, додаде македонскиот селектор.

Македонија и Холандија утре својот натпревар од 2.коло во групата Д на Светското првенство го играат со почеток од 18 часот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Шкендија славеше на Градски за лидерско место на табелата

Дејан Дејан

Јута им се одмазди на Лејкерс, Џамал Мареј со натпревар на кариерата за Денвер (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Голем шок во Доха: Сабаленка испадна во 2.коло, елиминирани и Гоф и Женг (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе