Вести Свет

Хрватска се подготвува за вториот круг од претседателските избори

Актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ е фаворит пред вториот круг на претседателските избори закажани во недела. Во првиот круг, што се одржа на 29 декември, како кандидат на опозициската Социјалдемократска партија, Милановиќ за малку не успеа да ја задржи претседателската позиција. Претседател се избира со мнозинство гласови од оние кои излегле на гласање, а Милановиќ тогаш освои 49,7% од гласовите.

На изборите во недела ќе му се спротивстави Драган Приморац, кандидат на владеачката Хрватска демократска партија на премиерот Анрееј Пленковиќ.

Иако на изборите во април лани, ХДЗ освои најмногу гласови на парламентарните избори, се чини дека расположението на гласачите се менува.

Откако пред пет години ја симна претседателката на ХДЗ, Колинда Грабар-Китаровиќ, Милановиќ во последниве години постојано се префрла на десната страна на политичкиот спектар.

Тој го блокираше учеството на Хрватска во мисијата за обука на НАТО за Украина и ги убедуваше гласачите дека го спречува испраќањето на хрватски војници во Украина, иако тоа никогаш не беше предложено.

Приморац, постојано изјавува дека местото на Хрватска е на Запад, но неговата кандидатура ја разниша случајот за корупција што го доведе тогашниот министер за здравство во затвор во ноември.

Но, овие избори, всушност, се сметаат за судир меѓу Пленковиќ и Милановиќ, познати по своите епски вербални судири и спротивставени ставови за клучни прашања.

„За жал, преку војската се крши тој личен однос со премиерот. Не можеме да тврдиме дека едниот (Милановиќ) е невин, а овој другиот е виновен за сѐ. И двајцата се свесни за контекстот кој битно се промени и дека навистина живееме во многу опасни услови“, смета политичкиот аналитичар Вишеслав Раос.

Во првиот Приморац освои 19,6 отсто од гласовите. Излезноста беше 46 отсто, што е најниска од сите претседателски избори во последните 15 години. Пред вториот круг, аналитичарите велат дека е тешко да се премости разликата меѓу Милановиќ и Приморац од пред две недели. Тоа значи дека Милановиќ е на чекор од нов мандат.

Марија Дивитарова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Часови го делат Трамп од враќање во Белата куќа – уште првиот ден најави стотици извршни наредби

Дејан Дејан

За случаите со Бојан Христовски и Дрин Ахмети, обвинителството чека меѓународна правна помош – за Артан Груби истражуваат

Дејан Дејан

Расте бројот на заразени со грип, но во рамки на очекуваното за овој период од годината

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе