Државната комисија за спречување на корупција демантира судир на интереси во случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и признава техничка грешка на нивниот сајт за антикорупционерката, Цвета Ристовска. Тоа што во нејзината биографија оставиле неточна информација, не е нивна вина, туку вина на новинарите што го објавиле тоа.
Наместо одговори на прашањата на Телма, ДКСК се огласи со лекции по новинарство дека требало да направиме двојна проверка на оваа официјална информација објавена на нивниот сајт.
Нашата редакција преку целиот ден залудно се обидуваше да стапи во контакт со антикорупциска, но, оттаму вечерва убедуваа дека требало да ја побараме лично Ристовска, иако телефонскиот број оставен за контакт во нејзината биографија на сајтот на ДКСК, не функционира..
Антикорупциска во ПДФ документот што ни го испрати како демант, нема објаснување ниту зошто на сајот на Универизитеот за менџмент и туризам (Универзитет Скопје) се уште стои сликата на Ристовска како дел од наставниот кадар на оваа приватна образовна инстутуција.
Во текстот негираат судир на интереси на Цвета Ристовска, но, не објаснуваат во која постапка го утврдиле тоа. Постојат законски пропишани процедури за проверка на судир на интереси, а од дописот на ДКСК не е посочено кога, како и кој ја завршил таа процедура за Цвета Ристовски и утврдил дека нема судир на интереси.
Во дописот, ДКСК цитира и делови од биографијата на Ристовска и наведува дека таа (Цвета Ристовска) го завршила Економскиот факултет на Универзитетот Свети Кирил и Методиј- Скопје во 1991-ва. Во биографијата на сајтот на ДКСК стои дека тој факултет, Ристовска го запишала во 1981-ва (година после смртта на Јосип Броз Тито) и студирала 10 години. Од ДКСК не посочија во својот ПДФ документ дали тоа е точен податок.
ДКСК наведува во својот допис и дека Ристовска магистрирала во 2011-та на Универзитетот за менаџмент и туризам, за чија дипллома како дел од предмет, таа ја водеше постапката.
На дописот на ДКСК е потпишана Татјана Димитровска, претседателката на Комисијата. Повеќе нејзини поранешни или сегашни соработници (во активности, проекти и стручни предавања) беа изненадени од речникот на “демантот” и ни тврдеа дека Димитровска никогаш не користела таков начин и такво ниво на комуникација.