Формула 1 возачот Серхио Перез од следната сезона нема да се натпреварува за тимот на Ред Бул иако пред само шест месеци потпиша нов двегодишен договор. Мексиканецот разочара со своите перформанси изминатава сезона.
Перез и Ред Бул се во преговори за предвремен прекин на соработката. Засега не е јасно само дали Мексиканецот ќе остане во 2025 година во тимот како амбасадор или целосно ќе го напушти Ред Бул.
Во месец мај оваа година, Перез потпиша нов договор со австрискиот состав за 2025 и 2026 година, но во меѓувреме имаше очајни резултати на трките. Освои вкупно 152 поени доволно за осмото место во генералниот поредок и ја имаше првата сезона без триумф во Ред Бул.
Лијам Лосон ќе го замени Перез во тимот, односно ќе добие унапредување од вториот состав, тимот на РБ. Шпекулациите велат дека Мексиканецот се очекува да се врати во Ф1 во 2026 година и тоа во новиот тим на Кадилак.