Ребаланасот на буџетот попладнево се најде на седница на Влада, но оттаму деталите ги одложија за утре.
Вечерва не одржаа прес конференција, но на паузата од Владината седница, премиерот Мицкоски за ребалансот говореше во телевизиско интервју, кажа дека седницата не е завршена и остро ја искритикува претходната влада дека буџетот го оставила во алармантна состојба.
СДСМ демантираше. Прашањата на останатите медиуми за ребалансот ќе мора да почекаат до утре. Се бараа пари за повиоски пензии, но и за капитални инвестиции во општините. Треба да се пренаменат 200 до 300 милиони евра.
Според, податоците за шест месеци реализирани се само 28 отсто од капиталните инвестиции, па се очекува токму од оваа и од ставката разни трансфери да се крати и да се додаде онаму каде што требаат повеќе пари.
Се договори и заем од 500 милиони евра од унгарската влада по каматна стапка од 3, 25 отстои, грејс период 3 години и рок на отплата од 12 години. Половина од парите ќе одат за општините половина за стопанството. Планот е до крајот на годинава да се земат уште пари од унгарската Влада за да се врати еврообврзницата земена во 2018 година.
Мицкоски: Покрај душманското трошење на Буџетот од претходната власт, ќе обезбедиме повисоки пензии согласно ветеното
– „Душмани да биле немало вака да се однесуваат“, изјави Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во интервју за Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител, зборувајќи за тоа како работела претходната власт и како се однесувала со државниот Буџет.
На прашањето дали ќе има доволно средства за ветување за покачување на пензиите, премиерот Мицкоски потенцираше дека линеарното зголемување на пензиите од 5000 денари за пензионерите ќе се исполни, односно како што рече со овој Буџет во септември се обезбедуваат 2500 денари , додека останатите 2500 денари пензионерите ќе ги земат во месец март следната година.
„Ќе има за пензиите затоа што сега системот на зголемување на пензиите е линеарен и тоа што го ветив дека пензионерите ќе добијат линеарно зголемување од 5000 денари, тоа и ќе го добијат. 2500 денари во овој Буџет, а 2500 денари во март месец следната година. Така што ќе си има процес кој што ќе биде исполнување на ветувањето“, изјави премиерот Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност. Му порачуваме да престане да се правда дека немало пари во буџетот. Тоа е алиби за лошите политики кои ги планира како што се прекинување на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта“, велат од СДСМ.
Владата на СДСМ обезбедуваше во континуитет плати за сите вработени во јавната администрација и претпријатијата во сите седум години и во услови на светски кризи.
Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ ниеднаш не се пожали за тоа, а пари се обезбедуваа за сите потреби. Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку преку обвинувања кон СДСМ да прави буџет со кој ќе ги тера неговите погрешни политики.
СДСМ во најтешки економски времиња обезбеди континуирано покачување на платите и пензиите, обебзедивме повеќе од милијарда евра за директна финансиска поддршка на компаниите и граѓаните во кризите и буџет за сите капитални инвестиции, се вели во соопштението од СДСМ.