Вести Македонија Топ вести

Од МВР без детали – се истражува кој и зошто ги сменил условите, па пристигнале 20 илјади пасоши, наместо првично нарачаните 400 илјади

Од МВР без детали, додека се истражува како се случи толку голема разлика – од првично нарачаните 400 илјади пасоши, до испорачаните 20 илјади во средината на февруари.

Министерот Тошковски вчера кажа дека заклучно со 18-ти месецов, во Македонија требало да пристигнат 400 илјади обрасци за пасоши. Првичниот договор бил изменет со одреден акт во декември месец, па наместо 400 илјади, добавувачот имал обврска да испорача 22 илјади обрасци.

Телма побара побара одговори од министерството, а оттаму само кратко информираат.

„Во врска со договорот за набавка на патни исправи, ве информираме дека за истиот е отворена постапка при Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“ велат од Министерството за внатрешни работи.

Министерот денес имал средба со републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Лично го известил за проблемот со издавањето на личните документи, а добил и уверување дека Обвинителството ја следи состојбата со пасошката криза.

Резултатите од внатрешната истрага во министерството и целата документација од анализите, Тошковски ќе ја испрати до ОЈО, се вели во соопштението по средбата.

Во меѓувреме, закажувањето термин за фотографирање сѐ уште е речиси невозможна мисија. Граѓаните очекуваат да добиваат СМС-пораки за готовите документи, а допрва треба да заживее и онлајн-алатката за проверка дали е готов пасошот, на сајтот на МВР.

Свој став за проблемите со обрасците и замената на документите денес изнесе и дополнителниот заменик-министер за внатрешни, Митко Бојмацалиев.

Тврди дека никој никого не саботира во секторот.

„Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето помеѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50 илјади обрасци. Пред некој ден стигнаа 20 илјади. Не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка, а исто така и во јуни доаѓа голема пратка којашто ќе ги задоволи сите потреби на граѓаните, за оние кои се сликале да ги добијат документите. Уште еднаш повторувам – не се работи за никаква саботажа“ изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев.

Покрај обрасците, министерот Тошковски во понеделникот се осврна и на тоа дека дел од државите дозволуваат влез со старите патни исправи.

Дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев на тоа додаде дека државите треба самите да си донесат став и ги повика граѓаните да извадат документи.

Пред десетина дена Грција преку писмо ги извести сите држави за обврските од Преспанскиот договор и за тоа дека пасошите без „Северна“ не важат.

„Европската унија треба да донесе став дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните, а има одредени кои не. Не сакам да кажувам која држава како, за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат, да се фотографираат и да земат нова патна исправа. До овој момент над 1.300.000 граѓани ги сменија патните исправи, што е значителна бројка, ако ги земеме предвид политичките опструкции кои ги имавме изминатите три години“, додава дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев.

Телма побара информации од Министерството за надворешни работи, откако министерот Тошковски ги наброи Германија, Швајцарија, Албанија, Косово меѓу државите каде што може да се патува и со старите документи.

Од МНР нема одговор – каде може и каде не може да се патува со старите исправи.

Веб-медиумот Дојче Веле, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека македонските државјани можат да го користат пасошот без „Северна“ за лична идентификација, но не и за патување во Германија.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски: Жестоки борби во Харковскиот регион, целта е да се растегне и деморализира украинската одбрана

Дејан Дејан

И ЕУ со реакција на првиот претседателски потег на Силјановска: Жалење поради постапката, а Уставот и меѓудржавните договори мора да се почитуваат

Дејан Дејан

„Сајанс“: Депониите во САД создаваат многу повеќе загадување на атмосферата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе