Европските лидери мора да разберат дека на балканскиот бизнис му е преку глава да биде понижуван, условуван и одложуван. Доста нѝ е од редицата камиони и од границите на секој чекор. Она што ние како бизнис треба да го направиме е највнимателно да ги прочитаме пораките и да ги прифатиме реалните забелешки, забрзувајќи ги процесите на економски развој, зашто очигледно е дека сами не можеме да се справиме со овие предизвици и тој дел од патот мора да го поминеме под менторство на Европската комисија, порачува претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Тој потсетува дека насоките на Европската Унија (ЕУ) се создавање на регионален пазар на Западен Балкан, кој интегрирано треба да се поврзе со ЕУ преку Европската економска заедница (ЕЕЗ), а ние, како држава, потенцира Азески, ги имаме исполнето минималните копенхашки критериуми кои се основа за каков било почеток на преговорите со ЕУ и упорно работиме на нивно почнување.