Вести Најважни Свет

Путин најави мобилизација на резервистите, за ЕК ова е доказ дека тој не сака мир

Повик за мобилизација ги разбуди утринава руските резервисти. Во ретките телевизиски обраќања до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин им порача дека за неговата специјална операција во Украина потребна е делумна мобилизација. Триста илјади војници се неопходни за да се одбрани татковината од Украина, а мобилизацијата почнува денеска, рече рускиот лидер.

  • Повторувам, станува збор за делумна мобилизација, односно на воен рок ќе подлежат само граѓаните кои во моментот се во резерва, а пред се оние кои служеле во вооружените сили имаат одредена воена специјалност и соодветно искуство. Регрути, задолжително ќе поминете дополнителна воена обука врз основа на искуството од специјалната воена операција пред да заминете во единиците, порача Путин. 

Говорот на Путин вознемири голем дел од населението. Исплашени да не влезат во новата одлука за мобилизација, авионските летови од Русија до Турција за неделава се распродадени. Отслужување на воен рок во Русија е задолжителен, со тоа сите кои биле на служба се воени резервисти, но овојпат ќе бидат активирани само резервистите кои имаат искуство – студентите со отслужена војска засега остануваат на универзитетите.

  • Имаме огромен мобилизациски ресурс на оние кои не служеле во воените операции досега, а кои имаат борбено искуство, кои имаат воена експертиза. Имаме околу 25 милиони луѓе кои одговараат на овој критериум. Затоа, разбирате дека оваа делумна мобилизација е 1% или малку повеќе, 1,1%, веројатно, од вкупниот мобилизациски ресурс, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. 

„Делумната мобилизација нема да го реши недостатокот од руски војници“ реагираат од официјален Киев. Потегот на Путин беше очекуван со оглед на сериозните загуби кои руските војници ги преживуваат на бојното поле. За Западот ова е целосно непопуларна мерка.. Европската комисија оценува дека тој не сака решение, туку има за цел да ја продлабочи војната, што ќе има последици за целото руско население.

  • Ова е уште еден доказ дека Путин не е заинтересиран за мир, туку за ескалација на војната на агресија, и знак за неговиот очај поради текот на војната во Украина. Сака да продолжи и да не придонесе за решение за кризата, туку сака да ја продлабочи и да продолжи со неговата војна. Оваа агресија има негативни последици не само за Украинците и светската заедница, туку и за руското население, изјави Петар Стано, портпарол на ЕК за надворешна политика.  

Путин во говорот го обвини Западот дека на Украина и даваат оружје кое се користи за уништување на цивилни цели. А пораката до НАТО беше дека со своето оружје премногу и се доближиле на руската територија, што дополнително го тера Путин да го стави на маса целото располжливо и како што кажа помодерно оружје кое го има. Користејќи софистицирана западна опрема, украинската војска сериозно напредува на терен. Најновиот потег на Путин е доказ дека за Кремљ станува се потешко да ги организира војниците кои веќе се на военото поле, а тешко ќе се справи и со новите триста илјади борци.  За да се мобилизираат и организираат нови борбени сили, дури и ако повиканите имаат искуство, потребни се месеци. Проценките се дека ако не ги пуштат веднаш во битка, тие не би биле вклучени ниту до следната пролет.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Еуромакс испорача рок или Владата ќе одлучи за рудникот за бакар „Иловица-Штука“ или правдата ќе ја бараат пред Арбитражен суд

Дејан Дејан

Протест пред Култура поради непостигнатиот договор за зголемени плати

Дејан Дејан

За еден месец изгорени повеќе од 400 хектари шума на Шар Планина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе