Повикот во 4 часот утринава до Брзата помош, со ништо не навестувал дека само неколку часа подоцна,ракометниот свет ќе остане без уште еден млад живот. Повикот бил од пред ноќен клуб во градскиот парк. Лекарите кои пристигнале на местото, нашле млад човек во бессознание и со ниска сатурација. По телото немал видливи траги на насилство. 27 годишниот ракометар Денис Тот е префрлен на Клиничкиот центар, каде претпладнево почина.
Директорката на КАРИЛ, Маја Мојсова е цел ден недостапна за Телма. Но, за дел од интернет порталите изјави дека, кај нив бил донесен без срцева акција, која накратко била вратена по реанимациите, но состојбата и понатаму му била критична, по што починал.Телото е предадено на судска медицина, а првичните анализи на крвта покажале дека нема активни супстанции.
Во медиумите доцна синоќа беше објавена информација дека Тот бил физички нападнат и имал тешки повреди од тепање. Хрватските медиуми дури пишуваа и дека снимките од клубот биле избришани, за да се сокрие инцидентот, но и од полицијата тврдат дека немал траги на насилство. Ги проверуваат дополнителните информации за местото каде бил и од каде е донесен со Брза помош.
Во Скопје допатувале и родителите на Тот, а потресени се и неговите сонародници ракометари кои играат за скопските клубови.
Во очекување на вистинската причина за смртта, не престануваат шпекулациите, меѓу кои се и тие дека се работи за срцеви проблеми и дека најтешката повреда ја добил кога паднал на работ од плочникот.
Ракометарот Тот играше за ракометниот клуб Бутел. Пред нив, ги носеше и дресовите на Охрид, Бјеловар, Пореч, шпански Адемар Леон и австриски Брук.
Далиборка Цветановска
