Македонската фудбалска репрезентација е главна тема во во светските и европските медиуми откако синоќа во Палермо го направи можеби најголемото изненадување во историјата на фудбалот.
Победата против Италија од 1-0 со голот на Александар Трајковски ја донесе Македонија до пресметка со Португалија и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Кристијано Роналдо.
Нашите фудбалери моментално се во еуфорија откако испишаа нова страница во македонската историја, но веќе размислуваат и на следниот ривал. Португалците синоќа со 3-1 ја елиминираа Турција во полуфиналето и во вторник во Порто на стадионот „Драгао“ ќе ја пречекаат Македонија.
Тоа ќе биде и последната пречка пред пласман на Светското првенство, што ќе се одржи кон крајот на оваа година. Очигледно чуда се случуваат, а Македонија веќе направи две, во една година и на гостински терен ги победи Германија во квалификациите и Италија во баражот. Хет-трикот изненадувања ќе треба да го комплетираме во вторник, а тоа ќе значи и „виза“ за Катар.
