Вести Најважни Свет

Зеленски бара уште санкции за Москва, Гутереш порачува дека е време да се остави оружјето

Руската армија ја гледа Украина како порта кон Европа, каде што сака да се пробие, им порача Зеленски на италијанските пратеници. После 27 денови војна, Украина се бори со последните сили и Зеленски преку својата виртуелна гобална турнеја бара помош од сите. Денеска повика сите западни земји да ги прошират санкциите и да извршат уште поголем притисок врз Русија.

Треба да подржите повеќе санкции против Русија и целосно ембарго на трговијата со Русија, почнувајќи од нафтата. Исто така треба да подржите забрана за влез на руските бродови во вашите пристаништа, за да ја почувствуваат цената на агресијата и поставувањето мини во морето. Не треба да постојат исклучоци од листата санкции за било која руска банка, изјави Зеленски.

Ваквите чести повици на Зеленски се резултат на одбивањето на некои земји, како Германија, да го прекинат увозот на руски енергенси. Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска повтори дека санкциите се осмислени на начин според кој штетата врз тие кои ги воведуваат биде минимална а откажувањето од руските енергенси и нивна замена со други добавувачи не е толку едноставно.

Германската позиција по ова прашање останува непроменета, патем, ист е случајот и кај многу други земји членки кои се многу зависни од јаглен, гас и нафта, дури и повеќе од Германија. И никој не треба сам да се соочува со последиците, рече Шолц.

Според украинските власти жестоките борби продолжуваат за Мариупол и Харков додека руската армија ги бомбардира останатите градови. Зеленски денеска изјави дека во Мариупол не останало ништо, откако градоналачникот претходно соопшти дека 80 проценти од градот е разурнат. Токму тие сцени, го натераа полскиот претседател Анджеј Дуда, градот да го спореди со Варшава во Втората светска војна а Путин со Хитлер.

Моите сограѓани, Полјаците, го гледаат денеска Мариупол и со солзи во очите велат Господи, Мариупол изгледа исто како Варшава во 1944 кога нацистите, хитлеровата Германија брутално бомбардираше куќи, убивајќи луѓе, убивајќи цивили без никаква милост. Денеска руската армија се однесува на ист начин. Руските лидери се однесуваат токму така, како Хитлер, како германските СС, како германските пилоти од нацистичката армија за време на Втората светска војна, изјави Дуда.

Дипломатските напори продолжуваат за да се стави крај на најголемиот воен конфликт во Европа по Втората светска војна, додека и од двете страни пристигнуваат позитивни сигнали за постигнат напредок. Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш ги повика двете земји дека е време да ги прекинат борбите, затоа што Украинците живеат во вистински пекол.

Од мојата комуникација со различни актери, некои елементи на дипломатски напредок се наѕираат за неколку клучни прашања. На масата сега има доволно за да се прекинат насилствата и сериозно да се преговара. Во оваа војна никој не може да победи. Порано или подоцна мора да се премести од бојните полиња на преговарачката маса, тоа е неизбежно, вели Гутереп.

Според проценките на Обединетите нации поради војната во Украина повеќе од 10 милиони луѓе ги напуштиле своите домови а над 3,6 милиони ја напуштиле и земјата. Од почетокот на војната животот го загубиле 953 цивили но вистинскиот број на цивилни жртви најверојатно е далеку поголем.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Запалени дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје

Mirjana Joveska

Објавена е стихозбирката „Друго е на сонце!“ од Бојана Низамовска со илустрации на Руки Чуки

Mirjana Joveska

Полициските службеници обвинети дека не извршиле проверки на „Пулс“ негираа вина

Mirjana Joveska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе