Пензиите ќе се зголемат по принципот како што беше со минималецот – со заедничко решение на сите страни.
Пензионерите ќе добијат и еднократна финансиска помош за справување со економската криза која најверојатно ќе биде скалеста и ќе зависи од износот на пензијата, најави премиерот Ковачевски.
За петок е закажан првиот состанок на владините економски министри со здруженијата на пензионери – ќе се утврдува и моделот по кој ќе се пресметуваат пензиите.
Дека пензиите ќе растат со договор како што беше со минималецот, изјави и вицепремиерот Битиќи.
Но според него, на маса ќе бидат предлози или-или, но сите ќе бидат задоволни
„На самиот состанок ќе зборуваме која е целта која што сакаме да ја постигнеме. Дали е тоа менување на моделот на усогласување на пензиите кој што сме го имале и сакаме и понатаму да го имаме за да понудиме одржливо решение за пензиите или еднократна помош која што би требало да дојде до најранливите категории за справување со последиците од енергетската криза и не само и потоа можам да кажам што би значело исходот. Тоа е тоа што можам да осигурам дека исходот ќе биде како што беше за минималната плата задоволителен за сите страни вклучени во дијалогот.“ – вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Битиќи рече дека за зголемувањето на минималецот и пензиите нема потреба од ребаланс.
Ги искара експертите кои јавно алармираа дека зголемувањето на пензиите ќе ја наруши рамнотежата во ПИОМ, ќе требаат повеќе пари од буџетот и ќе има потреба од зголемување на пензискиот придонес. Рече дека не ги читале добро извештаите на ПИОМ кои покажуваат дека приходите растат.
„Јас навистина го почитувам ставот на експертската заедница но сметам дека ставовите треба да се конзистентни. Експертскаат заедницва веројатно постоела последните 15 -тина години па дозволиле да пензискиот фонд западне таму каде што западна и кај што ја затекнавме пред пет години.“ – додава Битиќи.
Зголемувањето на пензиите беше тема за препирки и на денешната собраниска седница.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини владеачкото мнозинство дека гласа против денeска да се расправа за нивниот предлог закон за зголемување на пензиите за 20 проценти или по 3.000 денари.
Собранискиот спикер Џафери кажа дека тој ќе биде ставен на следната собраниска седница.
Претходно пак премиерот Ковачевски, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени за паушален и не се базира на никаква методологија и анализа.
Александра Филиповска
