Вести Економија

АД ТЕ-ТО ќе работи седум дена во неделата за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија

АД ТЕ-ТО ќе работи седум дена во неделата од 5 часот наутро до 01 часот по полноќ, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Истовремено АД ТЕ-ТО ќе продолжи да ги реализира своите обврски согласно склучените договори со потрошувачите на слободниот пазар на електрична енергија.

  • Цената по која АД ЕСМ може да ја преземе дополнително поизведената струја од производителот АД ТЕ-ТО не треба да биде повисока 170 евра по мегават/час, истакна Бектеши.

Владата на денешната 133-та седница донесе одлука за преземање на мерка за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

Со одлуката се предвидува дополнителните количини на електрична енергија да се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.

  • Оваа дополнително произведена количина електрична енергија ќе ја откупува АД „Електрани на Северна Македонија” Скопје со сопствени средства, соопшти Владата.

Оттаму посочуваат дека одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до крајот на месецов.

  • Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, потенцираат од Владата.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе