11 месеци семејството на афроамериканецот Џорџ Флојд ја гледаа оваа брутална снимка на која тој моли за воздух додека полицаецот Дерек Шовин повеќе од девет минути го стискаше со колено на врат – се додека срцето на Флојд престана да чука.
Дерек Шовин, е прогласен за виновен по сите три обвиненија за смртта на Џорџ Флојд. Поротниците 20 часа ги прегледуваа исказите на 45 сведоци. Едногласно го прогласија за виновен за убиство. За семејството на Флојд конечно стигна правдата. За граѓанските активисти борбата продолжува, и следува долг пат.
Не гледаме задоволство во ова. Не славиме човек кој оди во затвор. Повеќе сакаме Џорџ да е жив. Но, слаавиме затоа што младите луѓе, бели и црни, а некои осудуваа што се тука вечерва, маршираа и продолжија, изјави Ал Шарптон, лидер на Здружение за граѓански права.
За претседателот Бајден, кој телефонски им честиташе на семејствот на Флојд, настанот кој се случи минатиот мај е убиство сред бел ден. Пораката е добра, рече Бајден, но ова е само почеток.
Никој не смее да е над законот. Денешната пресуда испрати порака, но не е доволно. Не смееме да застанеме тука. За да ги направиме вистинските промени и реформи, можеме и мораме да сториме повеќе за да ги намалиме веројатностите ваквите трагедии никогаш да не се повторат, изјави претседателот Бајден.
Шовин се бранеше од слобода. Не покажа некои емоции во судницата по изрекувањето на пресудата, по што веднаш му беа ставени лициси и одведен во притвор. Му се заканува казна од 40 години. Во завршните зборови тој се изјасни за невин. Се обидел да го уапси Флојд затоа што тој плаќал со лажна банкнота од 20 долари.
Поддржувачите на движењето Црните Животи се Важни, кое се рашири низ целиот свет по убиството на Флојд, со радост ја дочекаа пресудата. Активистите велат правдата е задоволена, и чувствуваат паднат товар од грбот.
Но, според познавачите на граѓанското право – Америка е тука само затоа што овој инцидент беше снимен од случаен минувач на мобилен телефон. Снимка која ја крена јавноста на масовни протести против полициската бруталност и расизмот. Аналитичарите велат дека полициските оддели во Америка никогаш не ја спроведувале вистинската правда кога станувало збор за афроамериканците. Да не беше овој случај прикажан во јавноста, истиот ќе завршеше со премолчување од страна на полицијата, како и секогаш.
Алиса Шутиноска
