Неприфатливо е колку бавно се одвива вакцинацијата против корона вирусот во Европа, апелира СЗО. Затоа, веќе шеста недела по ред бројката на заболени на стариот континент не се намалува. Само во изминатава недела Европа бележи раст од 1,6 милиони луѓе инфицирани со вирусот и близу 24 илјади починати. Болните се во речиси сите возрасни грпи, освен луѓето над 80 години, што според СЗО е почетен знак за ефектите од имунизацијата.
Податоците од Велика Британија велат дека од декември кога почна масовната вакцинација, се спасени шест илјади животи на луѓе над 70 години. Но, Велика Британија е обвинета од ЕУ за неправедниот преддоговор што го потпиша со фармацевтските компании и што ги доби вакцините кои се произведуваат на европско тло.
Само 10% од ЕУ населението примиле една доза, а шест отсто се целосно имунизирани. Германија, со нови 24 илјади случаи за само еден ден, дури сега ќе ги вакцинира докторите.
Ќе започнеме со помалку од милион дози наредната недела и неделата потоа. Но, до крајот на април ќе ја триплираме количината. До крајот на април, повеќе од три милиони дози вакцини ќе бидат наменети за докторите, изјави германскиот министер за здравство Јанс Шпен.
Освен бавната имунизација, голем ризик за ширењето на вирусот се и собирањата за време на Велигден и Рамазан. Речиси сите земји од ЕУ блокот воведоа целосни карантини за време на велигденските празници.
Франција од утре во наредните три недели е во нов трет по ред локдаун. Здравствените работници тука се на работ на издржливост, бараат да им се објасни на луѓето за најголемата грешка, а тоа се собирањата.
Овој бран е многу силен, но го издржуваме. Ги разбирам луѓето, времето е убаво, сакаат да излезат. Но, проблемот се групирањата со други. Мора да им се објасни да не се собираат. Имавме семејства, мајка и син починаа во исто време во различни простории на интензивна, поради еден семеен собир. Тоа е неподносливо за нас. Ситуација со која тешко се справуваме, вели д-р Ромаин Беал, специјалист за кислородна терапија.
Со оглед на задоцнетиот распоред на вакцини, СЗО ја пофали пограничната солидарност на земјите од регионот кои помагаат да се забрза вакцинацијата. Остануваат на ставот дека имунизацијата на докторите и повозрасната популација мора да биде морална одговорност за секоја држава.
Алиса Шутиноска
